Осум сирачиња умреле од глад во Кабул

Авганистан - пронајдени деца изгладнети до смрт

Политички лидер на етничките Хазари и поранешен пратеник во авганистанскиот парламент рече дека осум сирачиња, кои умреле од глад, биле пронајдени во западниот дел на Кабул.

Во изјавата објавена на Фејсбук денеска, Мохамад Мохакик вели дека децата умреле пред околу една недела. Тој вели дека биле погребани од локалниот свештеник и жителите во населбата каде што биле пронајдени.

Свештеникот рекол дека најстарото дете имало 8, а најмалото 1,5 години.

„Тие немале никого“, рекол тој.

„Нивните родители се мртви, а немаат блиски роднини“, рекол локалниот свештеник.

Авганистанската влада предводена од талибанците сè уште не се огласила за случајот.

Обединетите нации предупредија дека Авганистан се соочува со голема хуманитарна криза, вклучително и со масовно гладување, ако наскоро не биде овозможена хуманитарна помош. Агенциите на ОН велат дека со приближувањето на зимата, околу 18 милиони Авганистанци очајно имаат потреба од храна и засолниште.

Многумина Авганистанци се потпираа на меѓународната помош во изминатите две децении, но таа во голема мера беше запрена откако талибанците ја презедоа власта во август годинава.

Западните земји исто така замрзнаа околу 9,4 милијарди долари од девизните резерви на Авганистан кои беа во странски банки пред талибанците да ја преземат власта.

Талибанците предупредија дека тешката економска состојба во Авганистан може да предизвика поплава од бегалци кои ќе сакаат да го напуштат Авганистан доколку тие средства не се одблокираат.

Талибанскиот министер за надворешни работи вчера се сретнал со шефот на Мисијата за помош на ОН во Авганистан. Било договорено хуманитарната помош да се зголеми.

Кај меѓународната заедница, но и кај Авганистанците, има голем сомнеж дека талибанците ќе ја дистрибуираат помошта праведно. Особено стравување има кај етничките Хазари, Таџици и туркменски малцинства кои со години војуваа против талибанците.

Самопрогласената влада на талибанците сè уште не е официјално признаена од ниедна земја како легитимна влада на Авганистан.