ВМРО-ДМПНЕ: Полицајци блиски до СДСМ договарале малтретирање на граѓани за изборите

Драган Ковачки, ВМРО-ДПМНЕ

Злосторничката групација составена од полицајци на Зоран Заев и Оливер Спасовски договарале малтретирање на граѓани за изборната кампања, рече денеска на прес-конфернеција членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки. Тој вели дека информациите им ги доставиле загрижени полицајци вработени во МВР кои не сакале да учествуваат повеќе во истата злостoрничка група.

„Полицајци блиски до Социјалдемократскиот сојуз одработувајќи за оваа партија, формирале злосторничка група за време на изборната кампања чија цел е следење на членови на ВМРО-ДПМНЕ и злоупотрeба на службените овластувања, со цел физичко малтретирање и селективно попречување на слободата на движење на луѓе кои не се од Социјалдемократскиот сојуз. Групата од над четириесетина полицајци се координирала на апликацијата вибер. Во таа група именувана „ХХХ“ според она што досега го идентификувавме има началници, полициски командири и полицајци во улога на партиски извршители“, рече Ковачки на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека за изборите било договарано, следење, малтретирање и шиканирање на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ. Ковачки посочи дека во групата членувале високи полициски функционери од Прилеп и од седиштето на МВР во Скопје.

„Земете му ја колата и убијте го, направете нешто“, гласи една од пораките во групата, што ја прочита Ковачи.

Тој цитираше и повеќе пораки што се разменувале во групата, во кои, како што рече, имало наредба за шиканирање, малтретирање, одземање на возило за политички причини, и наредба за нанесување на физички повреди и убиство.