Стејт департментот бара од Анкара да разјасни зошто турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган побара да се прогласат амбасадори на 10 држави за персона нон грата, меѓу кои и шефот на дипломатската мисија на САД.
Претходно, претседателот на Европскиот парламент Дејвид Сасоли ги оквалификува акциите на Турција како авторитарна тенденција.
Вчера турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека му наложил на Министерството за надворешни работи да прогласи 10 амбасадори за „персона нон грата“, вклучително и оние од САД, Германија и Франција, поради нивниот повик за ослободување на турскиот филантроп Осман Кавала.
Во понеделникот, амбасадите на десет земји објавија соопштенија на социјалните медиуми, во кои побараа ослободување на Кавала, велејќи дека тековниот процес против него и неговото апсење фрла сенка врз демократијата и владеењето на правото во Турција.
Кавала, соработник на бројни граѓански групи, е во затвор четири години, обвинет за финансирање протести низ целата земја во 2013 година и за вмешаност во неуспешниот државен удар во 2016 година. Тој остана во притвор додека трае неговото последно судење и ги негира обвиненијата.
Во заедничката изјава на 18 октомври, амбасадорите на Канада, Данска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска, Финска, Нов Зеланд и САД повикаа на праведно и брзо решавање на случајот на Кавала и за негово „итно ослободување“.