Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека му наложил на Министерството за надворешни работи да прогласи 10 амбасадори за „персона нон грата“, вклучително и оние од САД, Германија и Франција, поради нивниот повик за ослободување на турскиот филантроп Осман Кавала.
Во понеделникот, амбасадите на десет земји објавија соопштенија на социјалните медиуми, во кои побараа ослободување на Кавала, велејќи дека тековниот процес против него и неговото апсење фрла сенка врз демократијата и владеењето на правото во Турција.
Амбасадорите на САД, Германија, Данска, Финска, Франција, Холандија, Шведска, Канада, Норвешка и Нов Зеланд во вторникот беа повикани да дадат објаснување во турското Министерство за надворешни работи. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу го оцени како „недозволив“ нивниот повик за поддршка на Кавала.
„Му дадов налог на нашиот министер за надворешни работи. Побарав да ги прогласи овие 10 амбасадори за персона нон грата што е можно поскоро“, истакна Ердоган во градот Ескишехир.
Осман Кавала првично беше уапсен во врска со протестите за паркот Гези во 2013 година, но подоцна обвиненијата против него беа проширени за шпионажа и обид за соборување на владата за време на неуспешниот државен удар во 2016 година. Тој се наоѓа в затвор без пресуда, иако Европскиот суд за човекови права во декември 2019 година донесе одлука за негово ослободување.