Виси победата во Кисела Вода и во Пласница во првиот круг од изборите

Локални избори 2021

Во првиот круг од локалните избори одржани на 17 октомври официјално се избрани 32 градоначалници, а не 34 како што покажуваа првичните резултати, соопшти денеска Државната изборна комисија (ДИК) на јавна седница. Официјалните резултати покажуваат дека се избрани 21 градоначалник од редовите на ВМРО-ДМНЕ, девет од СДСМ и два од ДУИ. Првичните, пак, покажуваа дека се избрани 22 од ВМРО-ДПМНЕ, девет од СДСМ три од ДУИ. Во земјава се избираат градоначалници и Совети во 80 општини и Градот Скопје.

Во првиот круг, според првичните резултати беше избран и градоначалник на Кисела Вода од ВМРО-ДПМНЕ и на Пласница од ДУИ, но за овие општини и за останатите за кои има приговори, ДИК најави дека ќе објави конечни резултати по истекот на рокот за поднесување на тужба до Управниот суд за решенијата за приговорите. Приговори има и за Дебар и Шуто Оризари. За Шуто Оризари, пак е извесно дека ќе има втор круг.

Во првиот круг се избираа сите Совети на општините, но од ДИК за во текот на денот најавија обавување на конечните резултати на нивната веб страница.

Според досегашните резултати во вториот круг извесно е дека ќе се гласа за избор на градоначалник во 44 општини и во Град Скопје, а во Центар Жупа и во Марово Ростуше ќе се прегласува, бидејќи во првиот круг немало излезност од најмалку една третина од запишаните избирачи. Но за избори во овие две општини Собранието треба да распише нови избори.
На првиот круг од изборите гласале 938.631 граѓани, односно 51,44 отсто од гласачите.