Сигналот што се испраќа е дека Соединетите Американски Држави (САД) го гледаат Балканот како приоритет вели во разговор за РСЕ, Чарлс Капчан, член на американскиот Совет за надворешни работи и професор на Универзитетот Џорџтаун.
Тој вели дека американскиот претседател Џорџ Буш се грижи за регионот и со децении е ангажиран на тоа. Но Балканот не му е глобален приоритет, тука е на врв на листата од специфичните регионални приоритети, делумно затоа што регионот претставува незавршена работа за атлантската заедница, наведува тој.
Запрашан дали Вашингтон може да стори нешто повеќе да го забрза процесот на почеток на преговори за влез на Македонија и Албанија во ЕУ, Капчан вели дека САД се многу заинтересиран набљудувач во пристапните преговори и патот до членство во ЕУ на С. Македонија и Албанија.
„Но, не мислам дека се работи за играч кој може да оствари големо надворешно влијание. Ниту мислам дека треба. Едно подрачје во кое мислам дека би требало да ја хармонизираме својата дипломатија со ЕУ е по прашањето на Србија и Косово, каде, во суштина, она што го набљудуваме е начин да се пружи поттик, како и потенцијална мотивација како би се приближиле страните. Еден од начините за решавање на отворените прашања е перспективата во ЕУ“, вели Капчан и додава дека грешката на администрацијата на Трамп била во тоа што работела сама, на една страна ЕУ, на друга САД.
Тој вели дека САД и ЕУ поради политичката криза во Западна Европа, во САД и плус пандемијата се фокусирале на внатрешните проблеми и на приоритети на домашниот терен, и поради тоа на надворешниот план му се обратило помалку внимание.
„Сега, иако пандемијата се уште не е завршена, но имам чувство дека во Брисел и во Вашингтон постои договор дека балканскиот регион остана важна незавршена работа. Ова би бил вистинскиот момент тоа да се реши. Исто така вредно да се спомене е дека дел од причината што ги мотивира двете страни од Атлантикот се Русија и Кина. Русија се уште се обидува да ги искористи постоечките политички спорови во регионот во своја корист, а Кина продира во југоисточна Европа. Од друга страна, САД и ЕУ еднакво сакаат, така да речеме, да го вакцинираат Западен Балкан против руско и кинеско влијание. А тоа во многу погледи значи решавање на политичките спорови и сите земји од регионот да се доведат на пат кон ЕУ и членство во НАТО“, вели Капчан за РСЕ.