Лидерите на Европската унија поддржаа воведување на нови санкции кон Белорусија за да извршат притисок врз авторитарниот владетел Александар Лукашенко да го запре протокот на илегални мигранти кон земји од Унијата. Според ЕУ тоа што го прави Белорусија е хибриден напад.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, синоќа по самитот на лидерите на ЕУ рече дека блокот ќе го продолжи притисокот врз Лукашенко, обвинувајќи го за инструментализирање на миграцијата за да и се одмазди на Европската унија.
Илјадници илегални мигранти преминаа од Белорусија главно во соседните Литванија и Полска, што ги натера двете членки на ЕУ да прогласат вонредна состојба и да ги зајакнат своите граници.
ЕУ го обвинува Лукашенко дека ги користи мигрантите за да се одмазди на санкциите кои ЕУ ги воведе кон неговата влада, откако во земјата брутално беа задушени протестите на опозицијата кои уследија по минатогодишните претседателски избори. Опозицијата и Западот сметаат дека изборите биле наместени.
По речиси пет часа дискусии, лидерите на ЕУ се согласија „да продолжат да се спротивставуваат на тековниот хибриден напад што го започна белорускиот режим“, со тоа што ќе усвојат и дополнителни рестриктивни мерки против лица и правни субјекти.
Повеќето од мигрантите од Блискиот Исток и Африка првин допатувале во Белорусија, а потоа им се помага преку границата со Полска и Литванија да влезат во ЕУ.