Членките на Организацијата на договорот за колективна безбедност (ЦСТО) предводена од Русија започнаа уште една заедничка вежба за антитерористичка обука во Таџикистан во близина на границата со Авганистан.
Вежбата која започна денеска (23 октомври) е подготовка за сценарио во кое колони возила носат милитанти преку граница од Авганистан во Таџикистан.
Како дел од вежбата, два авиони „Аеро Л-39 Албатрос“ од советско време од воздухопловните сили на Таџикистан изведоа воздушно извидување над полигонот Карб-Мајдон, на околу 20 километри од границата со Авганистан. Тие известија за две лажни колони возила на милитантите. Таџикистански граничари беа распоредени да ги пресретнат лажните непријателски возила. Во вежбата учествуваа и специјални сили на ЦСТО.
Овае трета воена вежба во близина на границата на Таџикистан со Авганистан. Вежбите беа најавени во август, откако талибанците ја презедоа контролата над власта низ Авганистан.
Портпаролот на ЦСТО Владимир Заинетдинов, рече дека четвртата вежба ќе биде во ноември.
Во вежбите учествуваат 4.000 војници и повеќе од 500 воени возила.
Талибанците се обидоа да ги уверат соседите на Авганистан и Русија дека не претставуваат закана откако ја презедоа контролата над поголемиот дел од територијата на Авганистан, вклучувајќи го и главниот град Кабул заедно со граничните премини кон Таџикистан, Узбекистан и Туркменистан.
Но, државите од Централна Азија кои се граничат со Авганистан - особено Таџикистан - изразија загриженост дека талибанците може да бидат безбедносна закана, а стравуваат и од беглаци.
Русија има воени бази во Таџикистан и Киргистан. Таа вети дека ќе ги брани сојузниците на Москва во Централна Азија од каква било безбедносна закана од Авганистан.
На 17 август Русија и Таџикистан започнаа едномесечна заедничка воена вежба во близина на границата со Авганистан.
Една недела претходно, Русија ги заврши заедничките воени вежби со таџикистанските и узбекистанските трупи во близина на границата со Авганистан, кои следеа по помалите руско-узбекистански вежби долж узбечко-авганистанската граница.
Во почетокот на септември, неколку илјади војници од земјите-членки на ЦСТО, исто така, беа вклучени во граничните вежби во Киргистан.
Во ЦСТО членуваат Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Русија и Таџикистан.