Руската опозициска политичарка Љубов Собол изјави дека не се чувствува „целосно безбедно“ откако неодамна побегна од Русија, но инсистира дека ќе продолжи да се бори против „криминалниот режим“ на претседателот Владимир Путин и широко распространетата корупција во нејзината земја.
Зборувајќи во интервју за РСЕ преку видео врска од непозната локација, Собол одби да открие каде се наоѓа. Собол, близок соработник на Алексеј Навални, побегна од Русија во август, откако и беше изречена казна слична на условна слобода. Запрашана за нејзините можни грижи во врска со нејзината безбедност, Собол рече дека се префрлила од „поопасна“ локација на „малку помалку опасна“.
„Но, дали се чувствувам целосно безбедно? Се разбира не. Мислам дека никој што се бори против криминалниот режим на Путин не може да се чувствува целосно безбеден. Клучното прашање е дали ќе продолжам да се занимавам со политички активности и да се борам против корупцијата, да ја зборувам вистината и да бидам глас на обичните луѓе и ќе продолжам да го правам сето тоа“, изјави таа.
Опозициската политичарка и адвокатка на Антикорупциската фондација на Навални побегна од Русија по неколку дена откако судот во Москва ја прогласи за виновна за јавно повикување на луѓето да присуствуваат на митинзи за поддршка на Навални, откако тој беше затворен по неговото враќање во Русија од Германија, каде што се лекуваше по отровниот напад за кој го обвинува Кремљ.