Професорот Ванчо Ѓорѓиев денеска поднесе оставка од заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија раководејќи се, како што наведе, од професионалниот интегритет и личните принципи. Според него, во последно време имало отворени обиди за политичко влијание врз работата на комисијата што кулминирало на вчерашната редовна средба преку, како што посочува, директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР.
„При такви околности, под влијание на двојното водство во македонскиот дел од Комисијата, се отстапи од утврдените принципи за консензуално носење одлуки по сите прашања; при што не беше испочитувано договореното на координативниот состанок од 20.10.2021 година. Нагласувам дека изготвените и разменети предлог-идеи, донесени и разменети во текот на вчерашниот ден од страна на македонскиот дел од Комисијата за препораки за учебниците за VII одделение за македонските учебници, се без моја согласност“, наведува Ѓорѓиев во соопштението кое го доби РСЕ.
Тој притоа порачува дека демонстрираните ставови на последната средба од страна на другите членови на македонскиот дел од комисијата, не само што се во спротивност со Резолуцијата усвоена на 29.07.2021 година од македонското Собрание, со која се утврдуваат црвените линии во преговорите меѓу двете земји, туку и со македонските национални интереси.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи потврди дека еден член на комисијата се повлекол од нејзината работа. Тој изјави и дека никогаш не се мешале во работата на комисијата, ниту се правело притисок за одлуките кои се носеле.