Политичари и актери
МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство соопшти денеска дека во период од 06 август заклучно со 21 октомври на територија на државата 42.945 граѓанин биле позитивни на Ковид- 19, од нив 26 отсто биле целосно вакцинирани, односно 11.253 лица. Според соопштението, голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид- 19. Од починатите од ковид во тој период, 17 отсто биле вакцинирани.
МАКЕДОНИЈА - Група македонски интелектуалци денеска во обраќање до јавноста реагираа дека во изминатиов период земјата е соочена со постојаното ангажирано негирање на македонските идентитетски обележја- народот, нацијата, јазикот, културата, од страна на владините и на државните институции на Бугарија со цел, како што се наведува, да се прикаже дека македонската нација е вештачка креација на Коминитерната и на Јосип Броз Тито, која како таква постои од 1945 година, и дека преку присилна пропаганда од тогашните комунистички власти Бугарите во Македонија биле принудувани да се запишуваат како Македонци.
РУСИЈА - Најмалку 16 лица загинаа во пожар предизвикан од експлозија во погон за барут во руската област Ријазан. Според извештаите на локалните медиуми, експлозијата во работилницата за барут во фабриката за синтетички влакна Еластик се случила рано утрината. Локалните власти соопштија дека вкупно 17 лица имало во работилницата кога се случила експлозијата.
АЛБАНИЈА - Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека е убеден оти сите земји од регионот ќе станат дел од иницијативата Отворен Балкан. Според него, не постои друг начин освен иницијативата.
БЕЛГИЈА - Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО ги усвоија целите на способности за Северна Македонија, за прв пат по членството на нашата земја во Алијансата. Министерството за одбрана соопшти дека целите на способности кои биле усвоени на дводневните состаноци на Северноатлантскиот совет го покажуваат правецот во кој ќе се развиваат силите и капацитетите на НАТО-армиите.
ИРАН - Специјалниот пратеник на САД за Иран Роб Мали денеска во Париз беше планирано да се сретне со британски, француски и германски дипломати на разговори за застојот во напорите Иран да ја продолжи усогласеноста со иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, изјавија три дипломатски извори.
САД - САД ќе застанат во одбрана на Тајван и имаат обврска да го бранат островот што Кина го смета за своја територија, изјави американскиот претседател Џо Бајден на прашањето дали САД ќе го бранат Тајван, кој се жали на зголемениот воен и политички притисок од Пекинг да го прифати кинескиот суверенитет. Бајден рече дека луѓето не треба да се грижат за воената сила на Вашингтон, бидејќи Кина, Русија и остатокот од светот знаат дека САД ја имаат најмоќната армија во историјата на светот.
РУСИЈА - Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој е во затвор и ја доби наградата Сахаров за 2021 година, изјави дека е почестен и оти признанието им го посветува на сите борци против корупцијата.
САД - Американскиот актер Алек Болдвин пукал од пиштол реквизит додека снимал вестерн филм во САД. Притоа уби едно лице, а друго рани, соопшти локалната полиција. Директорката за фотографија Халина Хачинс и режисерот Џел Суза беа застрелани од пиштол што се користел во филмот. Шерифот на градот Санта Фе, во сојузната држава Ново Мексико, потврди дека жената им подлегнала на повредите.