Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој е во затвор и ја доби наградата Сахаров за 2021 година изјави дека е почестен и оти признанието им го посветува на сите борци против корупцијата. „Ја посветувам мојата награда на борците против корупцијата од секаков вид ширум светот - од новинари до адвокати, од политичари (кои постојат) до пратеници и оние кои излегуваат на улица за да ја поддржат оваа борба“, напиша Навални на Твитер. Европскиот парламент, кој ја доделува наградата Сахаров за ангажман за човекови права соопшти дека Навални „конзистентно водел кампања против корумпираниот режим на рускиот претседател Владимир Путин“.
Русија распиша потерница по Љубов Совол, соработничка на Навални
Кремљ соопшти дека нема „почитување“ за одлуката на европратениците да му ја доделат наградата Сахаров на Навални. Многу набљудувачи велат дека наградата испраќа силна порака до Путин дека неговиот најжесток непријател сега е глобална личност, а не само локален руски феномен што Кремљ го прикажува како криминалец кој водел екстремистичка организација. „Ние го почитуваме ова тело (Европскиот парламент), но никој не може да нѐ присили да ги почитуваме таквите одлуки“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Доминацијата на Путин води кон дестабилизација
Наградата Сахаров за слобода на мислење првпат им беше доделена на Нелсон Мандела и Анатолиј Марченко во 1988 година. Се доделува на поединци, групи и организации кои придонеле за заштита на слободата на мислење и човековите права. Наградата Сахаров, основана во 1988 година, е придружена со сума од 50.000 евра. Наградата го доби името по рускиот научник и дисидент Андреј Сахаров (1921-1989).