ДИК – Болните и немоќните и тие со ковид да се пријават за гласање за втор круг избори

Државната изборна комисија (ДИК) денеска информираше дека лицата на кои им е признаено правото на глас како болно и немоќно лице тоа право ќе го остварат и во вториот изборен круг, на ист начин и под исти услови. За вториот изборен круг може да се поднесуваат и нови барања од гласачи за остварување на правото на глас како болно и немоќно лице, наведуваат од ДИК. Нови барања ќе треба да поднесат и лица со ковид-19 и во изолација.

Болните и немоќните и лицата кои се ковид позитивни или во самоизолација гласаат еден ден пред денот на изборите, во случајов на 30 октомври.

Рокот за поднесување на нови барања за остварување на правото на глас како болно и немоќно лице е до 23 октомври, до 24:00 часот.

Тие пак што се позитивни на ковид или се во самоизолација треба да поднесат ново барање за гласање до Општинската изборна комисија. Рокот за поднесување на нови е до 25 октомври, до 24:00 часот.

Во првиот изборен круг, според информациите од ДИК, право на глас имале 7.921 болни и немоќни лица, а биле пријавени и 476 лица со ковид-19 и во самоизолација.