Светска банка – Годинава инфлацијата од 2,4 отсто, со тенденција да се стабилизира

Растот на македонската економија годинава ќе биде 4,6 проценти, а инфлацијата 2,4 отсто, со тенденција да се стабилизира, покажува најновиот Извештај на Светска банка.

„И покрај економското закрепнување се уште постојат ризици, пред се поради бавното темпо на вакцинација во земјата“, беше речено на денешната онлајн презентација на извештајот.

„Проекцијата за раст е 4,6 проценти во 2021 година, многу повисока од пролетните проекции. Овие позитивни изгледи и понатаму се опкружени со надолни ризици како резултат на бавното темпо на имунизација и сè уште нарушените синџири на снабдување, како и со тоа што условите за финансирање почнаа да се затегнуваат“, рече директорот на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи.

Според него, економиите на сите земји во Западен Балкан, освен на Црна Гора, до крајот на година ќе се вратат на ниво пред пандемијата.

Укажувајќи на надолните ризици, Паолучи нагласи дека стапката на вакцинација во Западен Балкан која заостанува зад другите европски земји, може да предизвика нови рестрикции како резултат на појава на нов КОВИД бран. Од друга страна, тесниот фискален простор и големото ниво на долг и натаму владеат во регионот. Во земјава, според податоците на Министерството за здравство, 38 отсто од населението е вакцинирано.

Од Светска банка велат и дека политичката несигурност исто така ќе го забави закрепнувањето на домашните и странските инвестиции кои му се потребни на регионот за да се зголемат потенцијалните резултати и да се креираат работни места.