Заклучно со 20 октомври вкупно против ковид се вакцинирани 800.357 граѓани, ревакцинирани се 766.521 а трета доза примиле 2.365 граѓани, соопшти министерството за здравство.
Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 2.919 дози вакцини, од кои 565 се аплицирани како прва доза, 1.286 се ревакцинирани, а 1.068 граѓани примиле трета доза вакцина.
Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина.
Од крајот на минатиот месец и во Македонија почна вакцинација со трета доза. Одлуката првин важеше за лица над 60 години, здравствени работници и луѓе со послаб имунитет, а условот беше да поминеле шест месеци од последната доза. Потоа се донесе одлука тоа да важи за сите без разлика на возраста, доколку сакаат. Пред неколку денови Националниот комитет за имунизација препорача, граѓаните кои се вакцинирани со „Синовак“ и „Синофарм“, да може да примат трета доза Фајзер три месеци по вакцинирањето.