Беса, ДОМ, ЛДП и други партии тврдат дека остануваат во владината коалиција

Архивска фотографија- лидерите на СДСМ и на Беса Зоран Заев и Билал Касами

По најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека е можно ново владино мнозинство повеќе владини коалициски партнери излегоа со изјави дека остануваат во владината коалиција. Изјавите следуваат и по неделните локални избори во чиј прв круг опозицијата има подобри резултати.

Движењето „Одлучно за промени“, составено од ЛДП и ДОМ кои на локалните избори настапуваа сами, соопшти дека остануваат во владината коалиција, а дека гласачите сами ќе проценат за кого ќе гласаат во вториот круг на изборите.

Од Беса, чиј лидер Биљаљ Касами во вториот круг во Тетово ќе се натпреварува против Теута Арифи од ДУИ, другиот владин коалициски партнер, соопштија дека владиното мнозинство е стабилно.

„Воедно сакаме да ја информираме пошироката јавност дека владината коалиција е стабилна без разлика дека на многу места во вториот круг се натпреваруваме меѓу себе“, соопштија од Беса.

Меѓукоалициската битка во вториот круг ѝ ја мати сметката на власта

И од ДПА, кои со еден пратеник се дел од мнозинството наведоа дека продолжуваат да бидат дел од оваа Влада, давајќи го, како што пишуваат, својот скромен придонес за благосостојбата на граѓаните, реформскиот процес и процесот на интеграција на земјата во Европската Унија.

Дека остануваат во владиното мнозинство кое има вкупна 62 пратеници денеска соопштија и НСДП, Демократскиот сојуз, Демократската партија на Турците и други партии.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи кој е и портпарол на ДУИ денеска рече дека владејачкото мнозинство е стабилно и дека очекува по вториот круг од локалните избори и да се зголеми.

„Нема ниту ново парламентарно мнозинство ниту потреба од предвремени парламентарни избори“, рече Османи.