Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, кој речиси три недели штрајкува со глад во затвор, се согласи на медицинска интервенција, но вети дека ќе продолжи со протестот.
Адвокатот на Саакашвили, Дито Саџаглишвили, го прочита денешното писмо на неговиот клиент до новинарите, во кое Саакашвили вели дека е „подготвен да умре“ за својата кауза.
„Но, сакам да ја зачувам свесноста и способноста за работа до крај и затоа се согласувам да дозволам медицинска интервенција од страна на лекарите што ќе ми помогне да ја одржам разумноста и барем на ограничен начин, да учествувам во тековните случувања“, се вели во писмото.
Еден ден претходно, група лекари откако го посетија Саакашвили препорачаа затворските администратори да го префрлат во болница на набудување.
Саакашвили беше уапсен на 1 октомври неколку часа откако објави дека се вратил во Грузија по осумгодишно отсуство. Тој веднаш започна штрајк со глад, додека неговото апсење предизвика протест минатата недела во Тбилиси на десетици илјади негови поддржувачи.
53-годишникот Саакашвили рече дека неговото апсење, за како што наведоа грузиските институции, нелегално преминување на границата, е политички мотивирано.
Притворот на Саакашвили во затворот во Рустави ја продлабочи долготрајната политичка криза во Грузија. Десетици европски пратеници и други сегашни и поранешни политичари побараа негово ослободување.
Саакашвили беше претседател на земјата од 2004 до 2013 година. Тој во 2018 година беше осуден во отсуство на вкупно девет години затвор, откако во два одделни случаи беше обвинет за злоупотреба на власта. Поранешниот претседател ги отфрли сите обвиненија како политички мотивирани.