Министрите за транспорт на Македонија, Бугарија и на Албанија, Благој Бочварски, Христо Алексиев и Белинда Балаку денеска во Софија, потпишаа Меморандум за разбирање за изградба на Коридорот 8. Документот одредува јасни датуми за развој на трите земји и нивните активности на Коридорот 8.
Министерот за транспорт на Македонија Благој Бочварски рече дека државата планира да инвестира 200 милиони евра во првиот квартал од 2022 година за изградба на железничката мрежа на Коридорот 8 кон Бугарија.
Владата на Северна Македонија обезбеди средства за првите две делници, а останува да бидат обезбедени и за третата од Крива Паланка до Деве Баер, која ќе чини 400 милиони евра. За изградба на експресниот пат од Куманово до Деве Баир во правец кон Бугарија се обезбедени 90 милиони евра.
Бочварски предвидува целата траса на Коридорот 8 на територијата на Македонија ќе биде изградена до 2030 година, а веројатно и порано. Има подготвен проект за железничкиот дел од Кичево до границата со Албанија, но се бараат можности да се најдат средства. Кракот на Македонија кон Албанија е 70 километри.
Бугарскиот министер за транспорт Алексиев исто така предвидува дека до 2030 година Коридорот 8 ќе биде готов. Тој најави дека Бугарија следната недела ќе го започне тендерот за изградба на железничката делница помеѓу Перник и Радомир, а во 2022 година другата делница од Радомир до Ѓуешево, за која веќе има технички проект. Според првичните проценки, овој дел ќе чини 200 милиони евра. Бугарија работи заедно со Северна Македонија и на граничниот тунел.
Албанија, како што рече министерката за транспорт и енергија Балаку, работи напорно на изградба на пат до границата со Северна Македонија, како и на специјално пристаниште за Коридорот 8.