Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повика на здружена опозиција во вториот изборен круг. Тој на денешната прес конференција ги повика сите партии велејќи дека им подава рака на „леви, центар и десни“ да му се придружат во уривањето на, како што вели „криминалната власт“.
Мицкоски вели дека локалните избори покажа дека има сериозно антивладино расположение и незадоволство од власта.
„Опозициските гласови и нивната заедничка цел – промена на власта и нова иднина за Македонија. Затоа повикувам на здружена опозиција, заеднички до целта за подобра и нова иднина. Секоја наша разлика во опозицијата е помала од заедничката цел да ја собориме оваа власт за Македонија да оди напред со сите луѓе“ изјави Мицкоски.
Тој на новинарските прашања одговори дека во вториот изборен круг ќе ги подржат кандидатите за градоначалници кои биле дел од коалицијата „За обнова на Македонија“, а настапија различно од коалицијата.
„Таков е случајот во општината Центар Жупа, таков е случајот во општина Карпош и во другите места. Тука немаме дилема дека застануваме и ги поддржуваме кандидатите за градоначалници. Онаму каде што имаме кандидати за градоначалници во втор круг од коалицијата Алтернатива и Алијанса исто немаме дилема и застануваме комплетно зад тие градоначалници како што е кандидатот за општина Чаир во Скопје, и во други места како Дебар и Гостивар. За останатите раководството на партијата се уште нема заземено став, очекуваме во текот на денешниот ден или утре да имаме појасна позиција“, изјави Мицкоски.
Тој изјави дека очекува ВМРО-ДПМНЕ да победи во вториот круг во сите општини, вклучително во Градот Скопје. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека сега партијата е блиску до формирање на мнозинство во Градот Скопје. Тој додаде дека по овие избори очекува да се наметне и темата за ново парламентарно мнозинство.