Максим Димитриевски со ротациони светла однесен на технички преглед

Актуелниот градоначалник на Куманово, кој е кандидат и на овие избори Максим Димитриевски.

Актуелниот градоначалник на Куманово, кој е кандидат и на овие избори Максим Димитриевски се пожали дека го следело возило на МВР, а потоа полицијата го запрела и му ги зела документите. Во соопштението од изборниот штаб на Димитриевски се наведува дека полицијата со ротација го одвела градоначалникот на технички преглед, иако, како што тврди тој, возилото е ново и тој има уредно полномошно за управување на возилото.

„На овој начин јас лично се онеспособувам да ја работам мојата работа како градоначалник и кандидат во рамки на изборната кампања. Односот на полициските службеници е целосно непрофесионален, може да видите дека на возилото се запалени ротации и не насочуваат, каде ќе не носат не знам“, вели Максим Димитриевски, кој на Фејсбук објави видеа за случајот.

На попладневната прес конференција пак Димитриевски кажа дека случајот нема да го пријавува во МВР бидејќи, како што вели, нема доверба во институцијата.

Повтори дека ова е обид за заплашување врз него и верува дека на 31 октомври кога ќе се одржи вториот круг од изборите, ќе ја добие поддршката од граѓаните.

„Очекуваме уште поголем притисок на 31 октомври, но ќе победиме бидејќи поддршката од граѓаните е очигледна“, рече Димитриевски.

Димитриевски за градоначалник во 2017 е избран од редовите на СДСМ, но по повеќемесечни несогласувања со раководството на партијата, тој на овие избори се кандидира како независен.

Изборната битка во Куманово продолжува во втор круг, а се натпреваруваат Димитриевски и кандидатот на СДСМ, Оливер Илиевски.

Од МВР велат Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди е вклучен за целосно расчистување на случајот.
„МВР нема да дозволи било каков притисок, незаконско постапување или злоупотреба на положбата“, велат од МВР.