На крајот со обработката на податоците од пописот нема да има изоставено ниту едно лице, рече денеска директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски. Тој вели дека методот што го користеле дава можност и тие што не се опфатени со пописот да се покријат, а за тоа се користат и базите на податоци каде ги има сите граѓани.
„Клучната работа по која се раководевме беа објектите за домување каде се сместени граѓаните, каде што живеат граѓаните и сите овие објекти се поминати целосно не е испуштен ниту еден. Да, се случуваше да не можеме да најдеме некого дома, сепак беше летен период на спроведување на пописот, меѓутоа се обидувавме повеќе пати да ги побараме, остававме телефонски броеви, за да исконтактираат со попишувачите, немаме воопшто значаен неопфат со пописот“, изјави Симовски по настанот посветен на проектот „Зголемување на употребата и достапноста на официјалните статистички податоци во Република Северна Македонија“.
Конечните резултати од пописот, потсети тој, се очекуваат за шест месеци од завршувањето на пописот, значи најдоцна во март, но како што рече Симовски, ако успеат и порано може да ги објават.
Во однос на оние кои го бојкотираа пописот и за кои беа најавени казни рече дека тие случаи ги процесуирале, а други институции треба да преземат мерки.