Вистрчил - Чешкиот претседател не е здравствено способен да ги извршува должностите

Чешкиот претседател Милош Земан на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во Прага во мај годинава

Чешкиот претседател Милош Земан во моментов не е во состојба да ги извршува своите должности, изјави денеска висок чешки функционер, повикувајќи се на извештај од болницата каде што Земан е на интензивна нега повеќе од една недела.

Милош Вистрчил, спикер на чешкиот Сенат, изјави дека има само мала веројатност дека Земан може да се врати на работа во наредните недели.
Тој рече дека парламентот треба да разговара за активирање на уставната клаузула која им ги префрла претседателските должности на други функционери.

Земан итно беше пренесен во Воената болница во Прага на 10 октомври, ден по изборите за Долниот дом на Парламентот.

Докторите велат дека дијагнозата на 77-годишниот Земан нема да ѝ биде соопштена на јавноста.

Земан, кој е страстен пушач и уживател на алкохол, боледува од дијабетис и во последните месеци се движеше со инвалидска количка.