Русија ја затвора Мисијата во НАТО и ја укинува Мисијата на НАТО во Москва

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров

Русија ги суспендира активностите на нејзината Мисија во седиштето на НАТО во Брисел, како одговор на тоа што Алијансата протера осуммина руски дипломати од Мисијата претходно овој месец.

Ова е нов удар за односите Исток-Запад, кои се на скоро најниско ниво по завршувањето на Студената војна. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска рече дека активностите ќе бидат суспендирани на 1 ноември и оти на членовите на воената Мисија на НАТО во Москва истиот ден ќе им бидат одземени акредитивите.

Лавров додаде дека Секретаријатот на НАТО бил извесен за овие чекори од руска страна. Според Лавров, ако НАТО има некои прашања за Русија, претставниците на Алијансата може да се обратат до нивниот амбасадор во Белгија. Тој не постави никакви услови за можно продолжување на работата на Мисиите.

Лавров рече дека тоа е одговор на потегот на НАТО од 6 октомври за протерување на осуммина вработени во руската Мисија во седиштето на НАТО. Со тоа бројот на дипломати во Мисијата беше преполовен од 20 на 10.

НАТО тогаш рече дека протераните дипломати се вработени во руските специјални служби вклучени во непријателски активности.

Односите меѓу 30-члената Алијанса и Русија се затегнаа уште во 2014 година по руската анексија на Крим од Украина.

НАТО е исто така загрижен од развојот на руските нуклеарни ракети, воздушните упади во просторот на НАТО и надлетувањето на сојузнички авиони и бродови од руски воени авиони.