Политичари и хармоникаши
БИХ - Додека зад затворени врати се одржуваше седница на Претседателството на Босна и Херцеговина, и на чие отворање им беше забрането присуство на новинарите и фоторепортерите, членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, организираше забава со хармоникаш во неговата канцеларија, на која тој пееше песни, објави СлободнаЕвропа.орг.
МАКЕДОНИЈА - Во петокот и во саботата аплицирани се вкупно 3.250 дози вакцини, од кои 884 се аплицирани како прва доза, 2.257 се ревакцинирани, а 109 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 16 октомври вкупно се вакцинирани 799.012 граѓани, ревакцинирани се 760.317, а трета доза примиле 1.148 граѓани. Педесет и четири отсто од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина, соопшти Министерството за здравство.
ФРАНЦИЈА / РУСИЈА - Шпион во служба на Русија беше во канцеларијата на францускиот министер за одбрана во 2017 година, рече поранешниот директор на француската служба за надворешни разузнавачки служби (ДГСЕ), Бернар Бажоле, во извештајот емитуван во неделата вечерта на телевизијата Франс 5.
МАКЕДОНИЈА - Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, денеска на прес-конференција по вчерашниот прв круг од локалните избори изјави дека скопјани победиле и дека е време за промени.
РУСИЈА / АЛБАНИЈА - Руската амбасада во Тирана ја потврди смртта на четворица руски државјани во хотел во градот Каваја во Албанија и изрази надеж дека ќе се спроведе детална истрага за инцидентот, јави МИА од Тирана. Жртви се брачнот пар Наталија (58), Сергеј (60), нивната ќерка Екатерина Буренкови (31) и нејзниот свршеник Никита Белоусов(37), со кого, според руските медиуми, на кои се повикуваат албанските, требало да прават свадба по враќањето од одмор во Албанија.
ХРВАТСКА / ЕУ - Министерот за надворешни и европски прашања на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, предупреди дека ситуацијата во регионот се влошува и дека е неопходен одговор од Европската унија (ЕУ) за најновите случувања во многу земји.
ГЕРМАНИЈА / ГРЦИЈА - Грчките медиуми објавуваат дека за 29 октомври е договорена посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на Атина, што ќе биде и проштално патување во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
САД / ГРУЗИЈА - Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска пристигна во Грузија, првата земја на неговата турнеја по регионот на Црното Море, со цел да ги зајакне сојузите со земјите под притисок на Русија. Остин ќе се обиде да ја обнови програмата за воена обука и ќе ја изрази посветеноста на САД кон таа земја, која веќе неколку години сака да стане членка на НАТО.