Седница на Претседателството на Босна и Херцеговина се одржува зад затворени врати во Сараево. На камерманите и фоторепортерите, иако беа најавени, им беше забранет влез во зградата за да го снимаат почетокот на сесијата. Во пресрет на седницата, на 18 октомври, членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, организираше забава со хармоникаш во неговата канцеларија, објави СлободнаЕвропа.орг.
Присутна беше и Сташа Кожарац, министерка за надворешна трговија и економски односи во Советот на министри на БиХ, која пееше со Додик и членовите на кабинетот придружени со хармоника. „Мајка Србинка ме роди“ и „Романија“ се некои од песните што беа испеани со хармоникашот во канцеларијата на Додик во Претседателството на БиХ.
Видеото е објавено на Твитер страницата на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), чиј лидер е Милорад Додик.
Според Народното собрание на Република Српска, политичарите на РС не учествуваат во државните институции од крајот на јули, откако поранешниот висок претставник во БиХ, Валентин Инцко, наметна измени на Кривичниот законик на БиХ, со кои се забранува и казнува негирање геноцид и величење на воени злосторници.