Мицкоски прогласи победа на изборите, 20 градоначалници уште во прв круг

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа уште во првиот круг во Штип, Прилеп, Велес, Кавадарци, Неготино, Сопиште, Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Виница, Зрновци, Петровец, Илинден, Карбинци, Свети Николе, Јегуновце, Градско, Босилово, Могила и Новаци, а очекуваат во прв круг да победи и кандидатот за градоначалник на Аеродром и Битола, а убедливо водат и во Ѓорче Петров.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски, на прес-конференција пред полноќ, рече дека победуваат во советите во повеќе од 50 општини. Во првиот круг, вели тој, победуваат во 20 општини и за уште две очекуваат конечни резултати.

Мицкоски рече дека очекува ВМРО-ДПМНЕ да има 50 илјади гласови повеќе на советничките листи од СДСМ.

Мицкоски најави дека одат во втор круг во Центар и Карпош, Пехчево, Кочани, Зелениково како првопласирани, во Кратово не победиле во прв круг за 13 гласови, во Радовиш имаат огромна предност, Конче, Ново Село и Василево, Демир Капија, Лозово, Ресен, во Охрид имаат повеќе од 2000 гласа предност, Вевчани, Маврово-Ростуше и Демир Хисар.

На прашањето дали размислува за предвремени парламентарни избори, Мицкоски рече дека раководството на партијата ќе ја разгледа таа опција, а во меѓувреме можеби ќе се формира ново парламентарно мнозинство.

„Победи народот и покрај сите нерегуларности, притисоци, поткупи кои ги правеа полицијата на Спасовски, Обвинителството на Русковска, и примитивизмот на Заев беа против нас, ама со нас беше народот“, рече Мицкоски на прес-конференција во партиското седиште.

Тој вели дека ова не е финалната победа, ова е чекор до нејзе.

„Ова е победа, но ова е и одговорност, едно да знаете нема да ве разочарам. Вечерва ќе се радуваме, но нема да славиме, утре на работа за народот, бидејќи нè чекаат тешки предизвици во вториот круг, ги повикувам сите гласачи кои сакаат нешто да променат и оние кои не се одлучија за нас во првиот круг, ајде да се обединиме, со поделби само други користат“, рече Мицкоски.