Независниот кандидат и актуелен градоначалник на Куманово од иницијативата „За наше Куманово“, Максим Димитриевски вечерва најави дека влегува во вториот круг од локалните избори 2021 и дека е во водство пред кандидатите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние ја добивме најголемата поддршка од граѓаните на Куманово без разлика на нивната партиска припадност“, рече Димитриевски.
Тој објави дека и независната советничка група има предност во останатите советнички групи.
Кандидатот за градоначалник од СДСМ и Коалиција, Оливер Илиевски во изјавата дадена за медиумите рече, дека од обработените 97 проценти влегува во вториот круг од изборите.
„Заедно со Максим Димитриевски одиме во втор круг. Имаме изедначен број гласови со тоа што се обработени 97-98 проценти од бројот на гласовите, се менуваат бројките 30, 40 за едниот, другиот така што во вториот круг одиме со изедначен резултат“, рече Илиевски.
Тој очекува победа во вториот круг.
Од општинскиот штаб на ВМРО ДПМНЕ пак, изјавија дека се пребројуваат гласовите, но според проценките во втор круг влегуваат Димитриевски и Илиевски.