ЗНМ - Осуда за односот на Даштевски кон новинарите, МВР да постапи по поплаките од онлајн медиумите

Илустрација

На денешната попладневна конференција за медиумите организирана од Државната изборна комисија, претседателот на ДИК Александар Даштевски имаше непрофесионален и омаловажувачки однос кон дел од новинарите во делот кога се обидуваше да одговара на новинарските прашања, соопшти Здружението на новинарите на Македонија.

Од ЗНМ посочуваат дека Даштевски пропуштил да даде конкретен одговор на новинарско прашање од страна на новинарка во врска со најавата за продолжување на рокот за гласање после 19 часот како и за најавата за продолжување на медиумскиот молк и, според нив, тој наместо да одговори конкретно имал вербална расправа со колешката, во која, како што велат, се интересираше од која телевизија е колешката, по што ѝ се обратил со зборовите: „треба да се информирате добро пред да поставите некое прашање“, како и тоа дека новинарката треба да го чита законот пред да прашува.

„Го потсетуваме Даштевски дека според Изборниот законик, член 31, ДИК има обврска да ја информира и едуцира јавноста за начинот на гласање и за остварување на избирачкото право; Од друга страна, новинарот има право да изрази мислење и да постави прашање без разлика од кој медиум доаѓа и дали истото прашање му се допаѓа на Претседателот на ДИК или не“, стои во соопштението од ЗНМ.

Здружението дополнува дека во текот на денот до нив пристигнале неколку поплаки од страна на онлајн медиуми и тоа за попречување на нивната работа од страна на симпатизери на политички партии, како и за несоодветен однос на припадници на МВР во Скопје, но и во неколку други градови и бараат нивно итно расчистување од страна на полицијата и брзо информирање на јавноста за да не се остави впечаток во јавноста дека органите за прогон ги игнорираат овие случки.