Изборниот ден мина во мирна и демократска атмосфера, оцени министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по завршување на гласањето на локалните избори 2021.
„МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на изборниот процес. До 19 часот се бележи вкупно намалување за 40 проценти на пријавени настани во споредба со изборите во јуни 2020. Така годинава се пријавени 91 настан, а 151 настан имало лани“, рече Спасовски на прес-конференција пред седиштето на МВР.
Тој рече дека имало 42 случаи на агитирање, од кои 7 се отфрлени како неосновани, но и тука има намалување во споредба од лани кои имало 75 пријавени случаи. Има 13 пријави за изборен поткуп, од кои 5 се отфрлени, потоа 7 пријави за закани и вознемирување гласачи, 6 за сликање на гласачко ливче, 3 за излепен пропаганден материјал, по два настани за нарушување на јавен ред и мир, за снимање на просторија на гласачките места, за фотографирање на гласачи, 2 за уништување на гласачки материјал и по еден за фрлени гласачки ливчиња. Потоа имало и пријава дека гласало позитивни лице на ковид, попречување на гласање и една кривична пријава за кршење на изборен молк.
Спасовски вели дека најголем број на пријавени настани имало во СВР Скопје- 22, па Штип - 19, понатаму Куманово со 16, по што следуваат пријави во Битола, Тетово, Велес...
Пријавени се седум случаи во кои се инволвирани полициски службеници, а се однесува на агитирање при вршење службена должност, рече министерот за внатрешни работи. Од тие пријави шест се проверени, а од нив две се основани, рече Спасовски.