До ОЈО пристигнале поголем број на пријави за изборни нерегуларности

Локални изобри 2021

Јавното обвинителство соопшти дека до 19:00 часот денеска пристигнале уште неколку пријави за евентуално сторени кривични дела во врска со изборите и гласањето, по кои постапувала Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности. Од ОЈО велат дека во основните јавни обвинителства и на објавената електронска адреса за пријавување сомненија за изборни нерегуларности, пристигнале поголем број поднесоци и пријави.

„По извршените проверки, засега, само во мал дел од пријавените настани се пронајдени елементи на сторени кривични дела поврзани со изборите и гласањето. Постапувањето на обвинителствата ќе продолжи до целосно расчистување на настаните и донесување на соодветни јавно обвинителски одлуки“, додадоа од ОЈО.

Основното јавно обвинителство Струга е известено дека на избирачко место едно лице го искинало гласачкото ливче и го напуштило гласачкото место. Полицијата по дадени насоки од Обвинителство го бара сторителот. Во гостиварското обвинителство пристигната е информација за лице кое го сликало гласачкото ливче. Полицијата постапува во насока на расчистување на настанот, информираа од ОЈО.

Основното јавно обвинитeлство Кочани примило едно известување и две кривични пријави. Обвинителството е известено дека едно лице вршело организиран превоз на гласачи на избирачко место. Пријави се поднесени за лице кое вршело агитирање на избирачко место во село Теранци и за лице кое со возило вршело организиран превоз на гласачи на избирачко место и вршело влијание врз гласачи за тоа како да го вршат нивното гласачко право.

Основното јавно обвинителство Кавадарци, како што информираа од ОЈО, постапува за настан од избирачко место во Демир Капија. Пријавено е дека лице искинало гласачко ливче.

Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со изборите и гласањето денеска ги координираше постапувањата на основните јавни обвинителства по пријави за настани поврзани со изборниот процес. По дадена насока, покрај редовните дежурства, во основните јавни обвинителства беа организирани и дополнителни дежурства на јавни обвинители, кои во текот на денот остваруваа интензивна соработка со службените лица од МВР со цел проверка на наводите од доставените пријави и информации, истакнаа од ОЈО.