Обвинителство: Отворени предмети за евентуални изборни нерегуларности

Локални избори во Македонија 17.20.2021

СВР Скопје, според насоки од Основното јавно обвинителство Скопје, врши оперативни проверки по известување доставено од страна на Амбасадата на САД во кое известуваат дека едно лице од политичка партија, на 16.10.2021 година се обратило до нив и споделило информација дека 83 лица кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела и се на слобода, добиле огнено оружје со цел, како што се наведува, попречување на изборниот процес.

Основното јавно обвинителство Гостивар оформи предмет по поднесок испратен од политичка партија, во врска со сомнение за вршење притисок и агитација од страна на лице во избирачки места во Гостивар.

По насока на Основното јавно обвинителство Куманово, во врска со пријава за наводно купување гласови во кумановските села Черкезе, Романовце и Војновиќ, за кој настан обвинителството оформи предмет, нагласуваат, извршен е разговор со повеќе лица и нема информации со кои би се потврдиле наводите од пријавата. Се продолжува со преземање на дејствија по насоки на јавен обвинител.

Основното јавно обвинителство Скопје е известено за настан пријавен од претседател на Избирачки одбор, во врска со извршено уништување на гласачки материјал односно искинати гласачки ливчиња. Имено, околу 12:45 часот лице при остварување на право на глас, од четири ливчиња само едно ставил во гласачка кутија, додека другите ги скинал и ги оставил на пултот за гласање. Лицето било лишено од слобода и приведено во полициска станица. По извршени консултации со јавен обвинител и постоење на основи на сомнение за извршено кривично дело „Уништување на изборен материјал“, дадени се насоки за натамошно постапување, велат од ОЈО.

Основното јавно обвинителство Кочани известено е од ОВР Кочани за повеќе настани кои се однесуваат на вршење агитација пред избирачки места, превоз на гласачи, како и сомнение за вршење поткуп и повреда на слободата на определувањето на избирачите. По дадените известувања во обвинителството се оформени предмети и дадени се насоки да се утврди идентитетот на лицата, да се достават податоци за возилата и да се извршат оперативни проверки, посочуваат од ОЈО и потенцираат дека Јавното обвинителство продолжува со следење на процесот на гласање и постапува по сите сомненија за евентуално сторени кривични дела поврзани со локалните избори.