Даштевски - Ако е потребно гласањето ќе продолжи и по 19 часот, излезност до 15 часот 31,8 отсто

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски

Гласањето ќе се продолжи за граѓаните кои ќе се најдат на избирачките места и во дворовите на објектите по 19 часот и тие ќе можат да го остварат своето право на глас, истакна денеска претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски, охрабрувајќи ги граѓаните масовно да излезат и да гласаат на локалните избори.

ДИК испратил мејл до општинските изборни комисии со известување да ги информираат избирачките одбори да им овозможат на граѓаните да гласаат и по 19 часот, ако е потребно.

Гужвите или како што кажа успорувањето на гласањето на овие избори е поради многуте страници на Избирачкиот список и многуте листови за гласање, една четвртина од отпечатоците од прсти кои ги добиле не биле со добар квалитет, како и поради мерките за заштита од ковид-19.

„За Град Скопје има четири ливчиња, има огромни избирачки списоци, проверката трае двојно. И таму ќе биде дозволено да се гласа сè додека не гласа и последниот гласач“, рече Даштевски.

До 15 часот излезноста на гласачите е 31,8 отсто од добиени податоци од 69,86 отсто од избирачките места. На овие избирачки места гласале 403 715 гласачи.
Според Даштевски, ова е солиден процент на излезност на гласачите.

До одржувањето на прес-конференцијата до ОИК се поднесени 134 приговори за заштита на избирачко право, од кои 63 се прифатени, а десет се одбиени.
Претседателот на ДИК Даштевски ги соопшти и местата каде што имало прекин во гласањето, и наведе дека во седум избирачки места се гласа со УВ ламба и спреј, како на претходните избори.