Во руралната општина Центар Жупа до 13 часот на гласање излегле 912 граѓани. Ова го изјави за Радио Слободна Европа претседателот на општинската изборна комисија Неџип Илјас.
„И покрај тоа што вкупниот број на избирачи изнесува 7.317, засега е многу мал бројот на избирачи кои дојдоа на гласање“ вели Илјас.
Членови на ОИК во Центар Жупа информираа дека меѓу оние кои гласале има и печалбари кои синоќа дошле од Италија. Станува збор за луѓе кои се дојдени да гласаат во организација на изборните штабови на двајцата кандидати за градоначалник на оваа општина. Претставници на изборните штабови на двајцата кандидати соопштија дека се пристигнати печалбари, но притоа не дадоа прецизна бројка.
Една недела пред денешните избори и двајцата кандидати за градоначалник на оваа рурална општина имаа кампања во Италија, каде што живеат печалбарите од Центар Жупа.
„Над 75 насто од населението во Центар Жупа се иселени во најголем број во Италија и без нивно доаѓање во родниот крај за гласање, нема да има цензус“, велат претставници на партиските штабови.