До ЈО пристигнато известување за можно нарушување на изборниот процес

Локални избори 2021.

Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори, соопшти дека, меѓу другото, на 17.10.2021 година во 09:04 часот било добиено известување од страна на Оперативниот штаб, доставено од страна на Амбасада на САД во кое известуваат дека едно лице од политичка партија, на 16.10.2021 година се обратило до нив и споделило информација дека 83 лица кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела и се на слобода, добиле огнено оружје со цел, како што се наведува, попречување на изборниот процес. Исто така се наведува дека друго лице – познат сторител на кривични дека поседувал оружје и дека на денот на гласањето ќе извршел кривични дела со кои ќе го загрози животот и телото на лица – членови на политичка партија.

Амбасада на САД: Слободни, фер и транспарентни избори суштински за демократијата

По приемот на известувањето преку МВР СВР Скопје се проверуваат наводите од пријавата и се преземаат оперативни мерки за проверка на лицата и разговор со подносителот на пријавата, а заради утврдување евентуални основи на сомнение за сторено кривично дело, за кое гонењето се презема по службена должност. Во претходните денови, Комисијата постапуваше по сознанија за евентуално сторени кривични дела поврзани со организирањето и спроведување на локалните избори. Дадени се задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно за формирање предмети и преземање на сите дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.