Шефот на Мисијата на Обединетите нации на Косово (УНМИК) Захар Танин изјави дека неодамнешните инциденти на Косово ја продлабочиле недовербата меѓу заедниците, поради што дијалогот под покровителство на ЕУ сега е императив.
На редовната седница на Советот на безбедност на ОН за Косово денеска, тој потсети дека при крај на извештајниот период уследиле неколку инциденти кои, како што наведе, биле последица на недостигот на политичко разбирање и комуникација.
Тој додаде дека е против еднострани акции и наведе дека сè мора да оди низ дијалог, но дека неодамнешните акции на косовската полиција ја зголемиле недовербата на српското население на северот.
Седницата се одржува два дека по новата криза на северот на Косово, каде што на 13 октомври локалните Срби протестираа поради акцијата на полицијата против шверцери на стока. На тоа му претходеа зголемени тензии поради регистарските таблички на Косово.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Србија на седницата ја претставува шефот на дипломатијата Никола Селаковиќ, а Косово претседателката Вјоса Османи.
Таа на седницата рече дека Косово е заговорник на мир и дека крајната цел на дијалогот е меѓусебно признавање. Таа додаде дека Србија мора да „сфати дека реалноста независно Косово нема да се промени“.
Селаковиќ, пак, ги обвини косовските власти дека се одговорни за дестабилизацијата на северот на Косово. Тој рече дека „играњето со оган не може да се реши така што двете страни ќе се повикуваат на конструктивност и воздржаност, како што апелираа некои претставници на меѓународната заедница“. Според него, последните акции на косовската полиција покажуваат дека „е потребна поодлучна акција на меѓународната заедница“. Селаковиќ вели дека Србија е посветена на наоѓање компромисно решение во рамки на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
Десет повредени косовски полицајци и десетмина жители на Северна Митровица, кои побарале лекарска помош, како и осуммина уапсени е епилогот на инцидентот кој изби на 13 октомври утрината за време на акцијата на косовската полиција и царина против криумчари.