Милитантната група Исламска држава (ИД) има илјадници борци во северен Авганистан, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин. Изјавата на Путин доаѓа во време кога Москва се подготвува да биде домаќин на меѓународни разговори следната недела за ситуацијата во Авганистан.
„Според нашите разузнавачки податоци, бројот на членови на ИД само во северен Авганистан е околу 2.000 луѓе“, рече Путин за време на видео-обраќањето на самитот на поранешните советски држави.
Путин тврди дека борците на ИД планирале да се движат меѓу поранешните советски земји од Централна Азија, маскирани како бегалци, со цел да побудат верски и етнички раздор. Тој не даде повеќе детали за тоа.
Претходно оваа недела, Путин предупреди на заканата од ветерани кои се бореле во Ирак и Сирија, а кои имаат врски со ИД во Авганистан, а руското Министерство за надворешни работи ги повика талибанските водачи да се справат со заканата.
Специјалниот пратеник на Путин за Авганистан, Замир Кабулов, денеска рече дека разговорите следната недела ќе се фокусираат на обидот да се изнајде заедничка позиција за промената на ситуацијата во Авганистан.
САД, Кина и Пакистан ќе се приклучат на преговорите закажани за 19 октомври, рече Кабулов и додаде дека талибанците и другите регионални актери ќе се приклучат на состанокот еден ден подоцна.
Тој рече дека талибанците допрва треба да го објават составот на својата делегација.
Кабулов рече дека Москва не очекува никакви „пробивни решенија“, туку дека отворено ќе ги каже забелешките до авганистанската делегација.
Талибанците, кои ја презедоа контролата врз Кабул од меѓународно признатата влада кон средината на август, бараат меѓународно признавање и помош со цел да избегнат хуманитарна катастрофа, бидејќи економијата на Авганистан е во слободен пад.
По преземањето на Талибанците, Москва изрази загриженост за можноста исламистички милитанти да се инфилтрираат во поранешните советски републики од Централна Азија, кои ги смета за свој двор, и одржа воени вежби во Таџикистан, зајакнувајќи за својата воена база таму со опрема и оружје.
Путин денеска рече дека нема потреба да се брза со официјалното признавање на талибанците, но истакна дека разбира оти треба да комуницираме со нив.