Редовните извештаи за реформскиот напредок за земјите од Западен Балкан ќе бидат објавени на 19 октомври во Европскиот Парламент, јави дописничката на МИА од Брисел.
Извештаите на Европската Комисија секоја година го мерат напредокот во сите реформски области на земјите од Западен Балкан.
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, ќе ги презентира извештаите во Стразбур пред европратениците.
Македонија стана земја-кандидат за членство во ЕУ во 2005 година, а од 2009 добива препорака за почеток на преговорите. Како главен проблем се посочуваше спорот за името со Грција. Во 2018, Македонија го смени името во Северна Македонија и Грција ја прекина блокадата на македонските евроинтеграции. Премиерот Зоран Заев потоа се пофали дека земјава добила датум за преговори, а тоа е јуни 2019, но во јуни таа година Германија побара одложување на одлуката за октомври поради тоа што Бундестагот немаше донесено одлука. Во октомври, пак, Франција го блокираше почетокот на преговори за да се промени методологијата. Методологијата се промени, но минатата година Бугарија го блокира стартот на преговорите, со тврдење дека Македонија ја краде бугарската историја, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Блокадата остана и годинава.