Најмалку 32 лица загинаа, а 53 се повредени во експлозија во шиитска џамија во јужниот авганистански град Кандахар, соопштија болнички извори. Експлозијата се случила денеска(15 октомври) во време кога џамијата била преполна со верници кои присуствувале на петочната молитва.
„Досега во нашата болница се донесени 32 тела и 53 ранети луѓе“, изјави за агенцијата АФП, лекар од главната болница во градот.
Никој досега не презеде одговорност за експлозијата и не се знае што ја предизвикало.
Нападот врз џамијата Имам Барга се случува една недела по самоубиствениот бомбашки напад на шиитска џамија во северниот авганистански град Кундуз. Одговорност за тој напад ја презеде локалната филијала на Исламска држава - Исламска држава-Корасан (ИД-К). При тој напад загинаа 46 лица.
ИС-К се противи на талибанците кои сега владеат со поголем дел од Авганистан.
Портпаролот на Талибанците Билал Карими ја потврди експлозијата и рече дека истрагата е во тек, без да даде повеќе детали.