Во Туркменистан „нема коронавирус“, но има 25 илјади починати на тајната листа

Илустрација: Клиника за инфективни болести во Туркменистан

Туркменистан, чиј авторитарен лидер тврди дека во земјата не е регистриран ниеден случај на ковид-19, тајно регистрирал околу 25 илјади смртни случаи поврзани со болеста од почетокот на пандемијата пред две години, изјави извор од туркменистанскиот здравствен систем за Радио Слободна Европа.

„Иако бројот на смртни случаи [од коронавирус] не е јавно објавен, секојдневно се доставува од провинциите во Министерството за здравство“, изјави изворот.

Туркменистан, поранешна советска република со скоро 6 милиони жители, е една од петте земји кои, според Светската здравствена организација, не пријавиле случаи на коронавирус. Tри од нив се изолирани острови во Тихиот Океан, а четвртата е Северна Кореја, строго контролирана затворена држава.

Изворот од туркменистанскиот здравствен систем вели дека бројот на починати веројатно е и поголем од 25 илјади луѓе, додавајќи дека регионалните здравствени работници намерно соопштуваат помалку жртви поради страв.

И покрај тоа што негираат дека болеста постои, Туркменистан воведе строги ограничувања во областите каде што има пријавено голем број луѓе со симптоми слични на коронавирус.

Вакцинацијата во јули стана задолжителна за сите постари од 18 години. Државата богата со гас набави вакцини од Русија и од Кина.

Според меѓународните невладини организации, епидемиолошката состојба во Туркменистан е драматична.