Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека бројот на смртни случаи од туберкулоза (ТБ) се зголеми минатата година за прв пат во една деценија, главно затоа што помалку луѓе биле тестирани и третирани бидејќи ресурсите биле пренасочени за борба против Ковид-19.
Во својот годишен извештај за ТБ објавен на 14 октомври, здравствената агенција на ОН рече дека во 2020 година починале 1,5 милиони луѓе од излечивата бактериска болест која може да се спречи - што е благ пораст од 1,4 милиони смртни случаи регистрирани во однос на претходната година.
СЗО наведува дека многу помалку луѓе биле ново дијагностицирани со туберкулоза минатата година - 5,8 милиони во споредба со 7,1 милиони во 2019 година и процени дека околу 4 милиони луѓе страдаат од оваа болест, но допрва треба да се дијагностицираат што е пораст од 2,9 милиони луѓе во споредба со претходната година.
Туберкулозата, која најчесто ги зафаќа белите дробови, се пренесува од човек на човек преку воздух.
Минатата година осум земји учествуваа со две третини од новите случаи на туберкулоза, при што Индија беше водечка, по што следуваа Кина, Индонезија, Филипините, Пакистан, Нигерија, Бангладеш и Јужна Африка.
Пандемијата на коронавирус и поврзаните ограничувања „го сменија годишниот глобален напредок“, рече СЗО во својот извештај предупредувајќи дека смртните случаи од туберкулоза би можеле да бидат „многу повисоки“ повторно оваа и следната година.
Додека коронавирусот се шири низ целиот свет, „човечките, финансиските и другите ресурси“ беа „пренаменети од справување со туберкулоза за одговор во борбата против Ковид-19 “, ограничувајќи ја достапноста на основните услуги“, се вели во соопштението.
Дијагнозата и третманот на туберкулозата беа дополнително попречени затоа што „луѓето се бореа да бараат грижа во контекст на заклучувања“, наведува СЗО.