Нашата крајна цел за регионот на Западен Балкан е евроинтеграција, изјави американскиот заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи Габриел Ескобар во видео обраќање на Самитот за Западен Балкан што се одржува во Скопје.
Тој додаде дека ако се гледа на регионот културно и историски, тој е дел од Европа.
„Тие се Европа и нивните граѓани и економии се тесно поврзани со Европа“, рече Ескобар.
Самитот за Западен Балкан во Скопје е насловен „Промовирање на инклузивноста и солидарноста на Европа“, а во фокусот на отворањето беа споровите меѓу Македонија и Бугарија, како и меѓу Србија и Косово, но учесниците зборуваа и за проблемите со корупцијата и владеењето на правото.
Ескобар рече дека американската политика е тесно усогласена со европските партнери за она што треба да се направи во Западен Балкан.
„Кажано со еден збор тоа е евроинтеграција“, рече Ескобар наведувајќи дека Американската политика е насочена кон поддршка на европската политика на насочување на земјите од Западен Балкан кон друштвото на западните демократски земји.
„Точка. Тоа е нашата политика и се останато е само тактички пристап како тоа да се направи“, рече Ескобар.
Тој додаде дека од американска перспектива природен чекор е Западен Балкан да биде дел од ЕУ која има огромно влијание во овие земји.
„Прифаќаме дека не сите земји од ЕУ се отворени за брз прием на нови земји членки, како и дека земјите треба да ги исполнат реформските обврски. Но, тоа се прашања на кои САД и ЕУ работат заедно. Но, работиме одблиску со европските партнери за приближување и затворање на овие прашања“, рече Ескобар.
Тој нагласи дека според нивното искуство со новите земји членки од регионот во НАТО, особено со Црна Гора, Албанија и Северна Македонија е дека се добри и солидни партнери.
Тој посочи дека на Балканот гледаат како на предизвик, иако политички има некои прашања кои треба да се решат.
На Самитот учествуваа и премиерот на Северна Македонија Зоран Заев, косовскиот премиер Албин Курти, заменик премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ идруги. Учесниците се согласија дека корупцијата и владеење на правото е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан, но порачаа и дека работат на нивното сузбивање.