САД повикаа на смиреност по вчерашните настани на Косово

Косовски полицајци во Митровица, Косово, 13.10.2021 година

Портпаролот на Стејт департментот повика на смиреност по вчерашните судири на Косово. „Соединетите држави повикуваат на смиреност како одговор на последните настани на Косово. Ќе продолжиме да работиме со партнерите од ЕУ и НАТО за да им помогнеме на сите страни да одржат напредок во нормализирање на односите и намалување на тензиите“. Претходно, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеф Борел изјави дека едностраните дејствија што ја загрозуваат безбедноста се неприфатливи. Тој напиша на Твитер дека насилните инциденти на северот на Косово мора веднаш да прекинат и посочи дека еднострани и некоординирани дејствија што ја загрозуваат стабилноста се неприфатливи.

Борел: Да запрат насилствата во северно Косово

„Сите отворени прашања треба да се решат преку дијалог со посредство на ЕУ. Ние сме во контакт со Белград и Приштина“, напиша тој. Селаните од српска националност ги блокираа патиштата и се судрија со полицијата во северно Косово, додека полициските единици вршеа акција со цел да се спречи прекуграничниот шверц. Во насилствата на 13 октомври беа повредени најмалку 20 лица, вклучително и полицајци, и се обнови стравот од пошироко насилство и тензии меѓу Приштина и Белград.

Нападната новинарска екипа на Радио Слободна Европа во Косово

Екипата на РСЕ што ги покриваше немирите, во близина на селото Рударе, беше нападната од толпа што го опколи таксито во кое патуваа новинарите и ја скрши камерата на екипажот. Новинарите избегаа без повреди. Судири беа пријавени и во Северна Митровица, недалеку од Рударе, каде што камиони и други возила беа паркирани на главните патишта. Солзавец беше употребен за растерување на насобраните луѓе во Северна Митровица, и во село, Звечан.