Српскиот претседател Александар Вучиќ по состанокот со претставници на Србите во Косово по денешните инциденти изјави дека што и да се случи, Белград и Србија ќе застанат зад нив. Тој денеска пристигна во Рашка во јужниот дел на Србија каде што се сретна со претставниците на Србите во Косово.
Поводот за денешниот состанок беше косовската полициска акција која предизвика инциденти во Звечан и Северна Митровица. Косовската полиција употреби солзавец против демонстрантите кои денеска се упатиле кон полициската станица во Северна Митровица, револтирани од акцијата против криумчарење стока.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Состанокот се одвиваше во локалната касарна и на него присуствуваа претставници на политичката партија во Северно Косово и жители од српска националност на Косово.
„Се плашам дека има некој кој е потполно нерационален во Приштина, имаме и некои злонамерни во меѓународната заедница, кои искрено сакаат немири овде. Некој сака да не навлече во конфликт“ истакна Вучиќ во неговото обраќање.
По оваа изјава тој додаде дека пред се сака да биде сочуван мирот.
„Но, немаме избор“ изјави Вучиќ.
Тој на насобраните граѓани им истакнал дека не може да ги повикува да влезат во конфликт со никого.
Претседателот на Српска листа Горан Ракиќ, водечката партија на косовските Срби, која има поддршка од официјален Белград на средбата изјави дека доколку следен пат се случи нешто слично, ќе следува општ отпор од српскиот народ.
„Доколку следен пат се случи нешто вакво, ќе имаме општ отпор. Па што и да значи тоа и како и да го сфатите тоа претседателе. Ние ќе се браниме со се што располагаме“ изјави Ракиќ.
Вучиќ изјави дека ќе ги реши сите недоразбирања и го повика НАТО „ да си ја заврши својата работа“.
„Ги молам Албанците да не се обидуваат со насилство да ги стават Србите во ред. Ако мислат дека со поддршка од некои странски сили ќе бидат во можност тоа да го прават, мојот одговор ќе биде јасен. Во борбата во која ќе мораме ги заштитиме животните на нашите деца, нивниот опстанок, не само што ќе ги заштитиме, туку и денеска прв пат јавно ќе кажам дека во таа борба и ќе победиме“ изјави Вучиќ на состанокот.
Пртеходно премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска ги повика НАТО и КФОР итно да реагираат на Косово и како што додаде „да го скротат премиерот на Косовo Албин Курти“.
Епилогот од денешните инциденти во Северна Митровица и Звечан се најмалку шест полицајци со телесни повреди, десетина граѓани на Северна Митровица кои побарале лекарска помош и осумина приведени. Косовската полиција тврди дека полициската акција имала за цел спречување на шверц.
По протестите барикада направена од камиони беше поставена во Северна Митровица, во близина на населбата Бошњак.
Премиерот на Косово, Албин Курти, рече дека акцијата на косовската полиција, поради која населението на северот на Косово протестираше денеска, била насочена против шверцот на стоки во Приштина, Пеќ и Северна Митровица.
Косовските власти соопштија дека полициските активности биле спроведени во координација со надлежните обвинителства и судови, по чија наредба се проверувале разни локации како станбени куќи, деловни простории, магацини итн.