Исчекор во пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ уште за словенечкото претседателство, очекуваат македонскиот претседател Стево Пендаровски и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва, се вели во соопштението од претседателскиот Кабинет. Пендаровски денеска во Малме, на маргините на Меѓународниот форум за сеќавање на Холокаустот и борба против антисемитизмот „Запомни – Реагирај“, се сретна со Силва. Тие на средбата разговарале за можностите за напредок на Северна Македонија во евроинтеграциите, во пресрет на одржувањето на состаноците на Европската Унија до крајот на оваа година.
Како што соопшти кабинетот на Претседателот, заблагодарувајќи се за досегашната поддршка и конструктивните предлози од Португалија за надминување на блокадата предизвикана од приговорите на Бугарија, претседателот Пендаровски истакнал дека дека продолжениот застој во процесот на проширување на Европската Унија ќе има долгорочни негативни последици врз развојот и стабилноста на целиот регион. Во соопштението е наведено дека Пендаровски изразил очекување дека поддршката од Португалија ќе се интензивира во наредниот период.
На средбата претседателот Пендаровски и министерот Силва разговараа и за билатералните односи на двете држави, при што изразија подготвеност за унапредување на севкупните односи, како и развој на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Соговорниците исто така ја истакнаа потребата од зајакнување на соработката во економијата, стои во соопштението.
На крајот на декември завршува словенечкото претседателство со ЕУ. Бугарија смета дека не се исполнува Договорот за пријателство кој беше потпишан во 2017 година со забелешки поврзани со историјата, а со тоа дека не се исполнети нивните барања за преговарачката рамка меѓу Македонија и ЕУ и не се исполнети условите за одржување на првата меѓувладина конференција.
Португалскиот предлог пролетва во Софија и Скопје го доставија еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва.