Насилните инциденти на северот на Косово треба веднаш да се прекинат, изјави високиот претставник на Европската унија за надворешни работи, Жoзеп Борел, во врска со немирите во тој дел од земјата поради акцијата на косовската полиција против шверцот на стока.
"Едностраните и некоординирани дејствија што ја загрозуваат стабилноста се неприфатливи. Сите отворени прашања мора да се решат преку дијалог со посредство на ЕУ. Ние сме во контакт со Белград и Приштина", објави Борел на својот Твитер профил.
Шест полицајци беа повредени, шест жители на Северна Митровица побараа лекарска помош, а осум лица беа уапсени и однесени во полициски станици. Ова е епилогот од акцијата против шверцот на косовската полиција и царина, на која се спротивставија во Северна Митровица и Звечан.
Акцијата против шверцот се одржа во регионот на Приштина, Пеќ, Јужна Митровица и Северна Митровица.
Премиерот на Косово, Албин Курти изјави дека на овие полициски акции им претходеле интензивни истраги и дека се координирани со надлежните обвинителства и судови.
„Запленети се и стоки и други докази, што исто така претставува материјален доказ “, рече Курти. Тој додаде дека „ќе се бори против криминалните групи и ќе спречи шверц“.
Во меѓувреме премиерката на Србија, Ана Брнабиќ ја повика Меѓународната заедница да реагира на постапката на косовските власти.
"Ја повикувам меѓународната заедница, НАТО и КФОР, итно да реагираат и да го скротат Албин Курти. Ситуацијата е повеќе од драматична и ова е последен момент кога е потребна јасна реакција за да се запре лудата политика. Овој вид однесувањето отиде надвор од границите и не носи на работ на хаос “, се вели во во соопштението од кабинетот на премиерката.
Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека ќе се состане со српските претставници од Косово во Рашка, град во близина на граничниот премин Јариње.