Отворено работиме на проектот независна Република Српска во рамките на дејтонска Босна и Херцеговина, изјави Милорад Додик, член на Претседателството на БиХ пред седницата на претседателството на неговата партија во Алијансата на Независни социјалдемократи (СНСД) во Бања Лука. Додик изјави дека се планира да се повлече согласноста за договорите за вооружените сили на БиХ, да се поништат законите за Судот и обвинителството на БиХ, органот за индиректно оданочување, Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) и Агенцијата за разузнавање и безбедност (ОБА), по што РС треба да формира сопствена разузнавачка структура.
Додик: Република Српска ќе се повлече од заедничката војска и судството на БиХ
БиХ- Џаферовиќ бара разрешување на Додик
„Судбоносното прашање за Република Српска е прашањето за враќање на надлежностите. Ние отфрламе со закони да се менува Уставот“, рече Додик. Тој додаде дека е против секаков вид конфликт, но дека нема да се двоуми да го брани овој ентитет на Босна и Херцеговина доколку биде нападнат. „Нема да има конфликт, но тие мора да знаат дека Република Српска има потенцијал да ги брани своите институции и својот народ“, рече Додик. Во неколку наврати, Додик објави отцепување на босанскиот ентитет РС од БиХ, како и повлекување согласност за договорите со што се воспоставија институции на државно ниво.