Стоев: нов круг консултации меѓу Софија и Скопје до крајот на октомври

Македонскиот и бугарскиот министер за надворешни работи Бујар Османи и Светлан Стоев, 18.06.2021

Нов круг консултации меѓу македонското и бугарското министерство за надворешни работи се очекува до крајот на октомври, најави дека министерот за надворешни работи на Бугарија Светлан Стоев на заедничката прес конференција со неговиот хрватски колега Гордан Грлиќ Радман по средбата во Софија.

Тој рече и дека преговорите на експертско ниво меѓу Скопје и Софија течат и оти се предадени бугарските предлози и текстови, а дека ако се постигне согласност, она што ќе биде договорено, може да биде потпишано од двајцата министри за надворешни работи.

Минатата недела, по средбата на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо, Словенија со македонскиот премиер Зоран Заев и европските челници, бугарскиот претседател Румен Радев рече дека се работи на план именуван 5+1 кој треба да биде готов до ноември.

Ден подоцна во Скопје македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи рече дека планот 5+1 ги опфаќа прашањето на краткото име, прашањето на говорот на омраза, на рехабилитација на жртвите на комунизмот, на работата на историската комисија, на немешањето во внатрешните работи на Бугарија, на кое што се надоврзува и ова прашање за вклучување на Бугарите во Уставот.