Во „Дрисла“ се горел опасен отпад

Депонијата Дрисла во близина на Скопје.

Јавното претпријатие Дрисла добило забрана за прием и третирање на 26 видови на опасен отпад, оти не поседува соодветна инсталација, изјави в.д. директорот на Инспекторатот за животна средина Сретен Стојковски. Тој рече дека решенијата за забрана на 26 -те видови опасен отпад се издадени откако е дојден на функција пред два месеци.

Меѓу забранетите видови на опасен отпад се отпад од пестициди, киселини, опасен отпад што содржи жива, од А-интегрираната дозвола издадена на 19.02.2021 година, поради непоседување на инсталација за третман или преработка на посочениот отпад, наведе Стојковски.

Од депонијата Дрисла било побарано да ги раскине договорите за прием и третман на посочените видови опасен отпад и да побара да биде извршена измена на А-интегрираната еколошка дозвола.


„Дрисла“ не е парично казнета и даден и рок да се усогласи. Дозволата, како што додаде, е издадена на 19 февруари 2021 година, а барање е поднесено во ноември 2020.

„Ние со решение им забранивме на „Дрисла“ да примаат таков отпади им дадовме рок да си достават барање до МЖСПП. Исто така, и Министерството е известено со информација за нашето решение, така што „Дрисла“ веќе не може да прима таков опасен отпад. Рокот е 90 дена. Во моментов „Дрисла“ има А-интегрирана еколошка дозвола каде во еден од прилозите, прилог 3, има 36 шифри на опсен отпад коишто се наведени во дозволата, а никаде во дозволата нема објаснување за екологијата, инсталации и начин на преработка и складирање на таквиот отпад што е симптоматично и не знам како е издадена таква дозвола за таков вид на отпад“, истакна Стојковски.

Директорот наведе дека работат на тоа да дојдат до конкретни сознанија што од опасен отпад е фрлано во „Дрисла“.

Тој информираше дека „Дрисла“ собира комунален, медицински и има можност за собирање на градежен шут загаден со азбест.

Според Стојковски, изминативе два месеци, откако е на функцијата, се направени вкупно 327 надзори, од кои 164 редовни, 73 контролни и 90 вонредни надзори. При тоа се издадени 42 решенија и се изречени четири прекршочни санкции и три платни налози.