Црн рекорд на починати од ковид во Русија

Русија - Здравствени работници во Москва.

Во Русија на 11 октомври е забележан нов рекорд на починати како последица од ковид. Земјата бележи зголемен број на заразени и хоспитализирани од коронавирус, а ниска стапка на вакцинација.

Руската државна комисија за ковид соопшти дека во изминатите 24 часа како последица на ковид починале 973 лица. Во Русија шест дена по ред има над 900 смртни случаи дневно, со што вкупниот број на смртни случаи како последица на ковид достигна 218.345.

Во изминатите 24 часа регистрирани се 28.190 нови случаи на заразени со ковид, што е на нивото како и во претходните неколку денови.
Властите велат дека за високите бројки освен позаразната Делта варијанта на ковид-19, виновна е и ниската стапка на вакцинација. Во Русија, која има речиси 146 милиони жители, вакциниран е само еден од тројца Руси.

Само 29 проценти од Русите се целосно вакцинирани, рече минатата недела вицепремиерката Татјана Голикова, која е задолжена за надгледување на здравствената политика.