Македонските организации во Бугарија издадоа Декларација во која ја осудуваат, како што наведуваат, континуираната политика на негирање, дискриминација и асимилација водена официјално против Македонците во Бугарија.
„Ја осудуваме политиката водена од Република Бугарија против Република Македонија, поставувањето на иритирачки услови пред нејзиното членство во ЕУ, а имено да се откаже од идентитетот на македонската нација, јазикот, историјата и да се одрече од македонското малцинство во Бугарија“, се наведува во Декларацијата.
Претставниците на сите македонски организации во Бугарија се собрале во Стара Кресна за одбележување на 143 годишнината од Македонското – Кресненското востание, по што е издадена Декларацијата.
Во неа се наведува дека претставниците на македонските организации во Бугарија се загрижени од ситуацијата во која се наоѓа македонското малцинство во Бугарија и односите меѓу Бугарија и Македонија. Тие се убедени дека барањата на Бугарија нема да успеат, но, како што велат, произведуваат омраза.
Тие ја осудуваат и медиумската кампања за всадување омраза против Македонците, која се води од повеќето медиуми во Бугарија. Го осудуваат начинот на кој беше спроведен последниот попис во Бугарија, со мноштво нарушувања на правото на самоопределување и пречки пред Македонците да можат да ја изјават својата народност. А осудуваат и, како што наведуваат, пасивноста на македонските влади во последните три децении, кои наспроти својата уставна обврска да се грижат за македонските малцинства надвор од Македонија, никогаш го немаат поставено пред Бугарија прашањето за негирање, дискриминација и асимилација на македонското малцинство.
Македонските организации од Бугарија бараат од ЕУ да не дозволи да се злоупотребуваат членството во ЕУ и правото на вето и да стави крај на политиките на негирање на македонското малцинство во Бугарија.
Од Бугарија бараат да не го негира македонското малцинство, да го признае и да му ги даде сите права. Бараат Бугарија да го промени Уставот така, што во него јасно да бидат гарантирани правата на националните и етнички малцинства и да стане невозможно „единството на нацијата“ да биде користено против правата на малцинствата. Понатаму бараат Бугарија да запре да ја уценува Македонија и да ја деблокира нејзината евроинтеграција
Од Македонија бараат да запре да прави непринципиелни компромиси и да ги задоволува антимакедонските апетити на националистичките кругови во Софија.